Наместо да го укине, новата влада ќе го унапреди „балансерот“ во посебен закон?

Утре во Собранието започнува постапката за гласање на новиот состав на Владата, предложена од мандатарот Христијан Мицкоски а покрај персоналните решенија до законодавниот дом, доставена е и програмата за работа на Владата.

Уште пред да се расправа во Собранието, во јавноста излегоа одредени мерки и решенија содржани во владината програма.

Едно од нив е и укинувањето на „балансерот“ односно механизмот за постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку Годишни планови за вработување.

„Балансерот“ со години беше предмет на жестоки критики од страна на јавноста и особено до неодамна опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која пред изборите на 8 мај ветуваше укинување на оваа алатка.

„Она кое што најмногу ги интересира граѓаните тоа е балансерот. Ова е исто така услов кој сака да биде во коалиција. Ние цениме дека е неправичен, фаворизиран, дискриминиран“ рече при претставувањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

И навистина, според најавите во владината програма, балансерот ќе биде укинат, но дали тоа ќе значи целосно запирање на вработувањата во администрацијата по етнички клуч, или пак е еден вид унапредување на целиот механизам?

Според лидерите на коалицијата ВРЕДИ, балансерот ќе добие своевидно унапредување.

„Прво, заеднички ќе констатираме дека балансерот не функционирал во последните години. Значи, на почетокот ги даде вистинските ефекти, но во последниве години го даде спротивниот ефект. Знаеме дека имало многу случаи кога Македонците биле претставувани како Албанци или Албанците како Турци. Значи, тоа не беше во функција на правична застапеност на немнозинските заедници во Македонија. Значи, тука се согласуваме. И не се деградира, туку се издигнува на повисоко ниво. Затоа, ова треба да биде регулирано со закон за да биде законска норма на соодветна и квалитативна застапеност “, рече Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ.

Од друга страна пак, ова, за коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ е неприфатливо.

„Последната најава на мандатарот Христијан Мицкоски за укинување на механизмот за балансирање е директен удар врз Охридскиот договор, како еден од главните столбови за стабилноста на државата и меѓуетничките односи во земјата“, велат од Европскиот фронт.

Укинувањето на инструментот за балансирани вработувања е и една од препораките на Европската Унија. 

Треба да знаете
Последни објави