Search

Над 11 лица го загубија животот, а 78 се повредени во пожари во Турција

Најмалку 11 лица го загубија животот, а десетици се повредени во пожарите кои зафатија вегетација, и под влијание на ветрот се проширија во неколку села во југоисточна Турција, соопшти денеска турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.

Во пожарите угинаа и стотици животни.

Министерот рече дека до попладнево има 11 загинати и 78 повредени, од кои петмина се на интензивна нега.

Тој претходно објави дека 44 лица се повредени, од кои десет потешко, во таа рурална област која се наоѓа меѓу градовите Дијарбакир и Мардин, во близина на сириската граница.

Пожар избувна во синоќа во област на околу 30 километри јужно од Дијарбакир и брзо се прошири поради силните ветрови, проголтајќи пет села, изјави претходно министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Според министерот за здравство, пожарот бил ставен под контрола во текот на ноќта, но напорите за разладување на опожареното земјиште продолжиле и денеска.

Ново жариште утринава изби кај селото Ергани во истото подрачје, но е ограничено.

Жителите на селото Коксалан, едно од најтешко погодените, изјавија дека изгубиле половина од нивните околу 1.000 кози и овци.

„На местото на пожарот се испратени седум спасувачки екипи и 35 возила на Итна помош“, рече Коџа.

Треба да знаете
Последни објави