Ако ги пиете овие лекови, бидете внимателни во текот на горештините: Го зголемуваат ризикот од дехидратација

Температурите се во пораст ширум земјата, а врвот на топлотниот бран се очекува оваа недела. Иако на некои не им пречи ваквото време, важно е да бидете внимателни доколку земате одредени лекови.

Лековите за состојби како што се висок крвен притисок, болести на бубрезите и нарушувања на менталното здравје може да имаат специфични несакани ефекти.

Тие можат да го отежнат одржувањето на хидратацијата или ефикасното ладење на организмот. Поради ова, високите температури може да бидат потенцијално опасни, па дури и фатални за некои.

Диуретици
Диуретиците најчесто се препишуваат за лекување на срцева слабост, висок крвен притисок или болести на бубрезите. Со оглед на тоа што ја зголемуваат зачестеноста на мокрењето, за време на топлото време можат да нè доведат во опасност од дехидратација или дисбаланс на електролити што му отежнува на телото да ја регулира температурата, пренесува „Gloucestershire Live“.

На оние кои користат диуретици им се препорачува да пијат доволно вода и да внимаваат на знаците на дехидрација како што се главоболка, вртоглавица, темна урина и чувство на жед.

Лекови за крвен притисок
Инхибиторите на ангиотензин-конвертирачкиот ензим, кои вообичаено се препишуваат на пациенти со висок крвен притисок, може да бидат опасни за време на жешките денови, бидејќи луѓето кои ги земаат може да бидат повеќе склони кон несвестица. Овие лекови, исто така, го маскираат чувството на жед, што го отежнува препознавањето дали доаѓа до дехидрација.

Бета-блокатори
Бета-блокаторите се уште еден вид на лекови кои можат да го намалат крвниот притисок, но можат да ги користат и пациентите со анксиозност. Тие претставуваат ризик при топлото време бидејќи ги зголемуваат шансите да се онесвестите и ја намалуваат способноста на телото да се поти, што може да доведе до прегревање поради недоволното ладење на организмот.

Антидепресиви
Одредени антидепресиви можат да го зголемат потењето и да ја потиснат жедта, правејќи ги корисниците посклони кон компликации поврзани со дехидратација.

Оние кои земаат лекови за тироидна жлезда за неактивна тироидна жлезда, исто така, може да бидат изложени на ризик од дехидрација бидејќи овие лекови може да ја подигнат телесната температура и да го отежнат ефикасното регулирање на температурата на телото.

Лекови за АДХД
Стимулансите, како што се амфетамините и лековите што се користат за лекување на АДХД, исто така може да го зголемат ризикот од болести поврзани со топлина.

Треба да знаете
Последни објави