Search

Заев и Ципрас повикуваат на соработка од Атина, Мицкоски во Скопје прифати да даде заклетва со Северна Македонија

Мандатарот за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски денеска најави дека при свечената изјава како и при настапите во странство ќе го користи уставното име на државата.

,,Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме” рече Мицкоски во интервју за телевизија Сител.

Веста стигна додека екс премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас ги даваат завршните зборови на конференцијата во Атина организирана по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, заеднички повикувајќи на соработка помеѓу двете влади и двете држави.

Инаку на конференцијата беа упатени пораки и кон Мицкоски и Мицотакис да го почитуваат Договорот од Преспа а меѓу оние што испратија таква порака беше и медијаторот во спорот Метју Нимиц.

Ваквиот став на Мицкоски е во насока на почитување на Договорот кој на Македонија и обезбеди членство во НАТО и во еден момент го забрза процесот на интеграција во ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави