Search

370 лица исчезнале во Македонија во последниве 4 години, по 35 се уште се трага – од нив 9 се деца

Последниве неколку години зачестија апелите за потрага по исчезнати лица во Македонија, а бројките на МВР го потврдуваат тоа. Некои од случаите завршуваат со среќен крај и пронаоѓање на лицето, но за жал има и такви кои завршуваат и фатално, таков беше случајот со малата Вања и Панче.

Поради тоа одлучивме малку да истражуваме на темава и да видиме колкав е бројот на исчезнати лица во Македонија од 2020 година па наваму.

Според податоците на МВР ОД 2020 до 2023, поточно до месец октомври 2023 година, до кога и имаат обработени податоци, на централно ниво исчезнати се 370 лица, а пронајдени се 335 лица, што значи дека по 35 лица се уште се трага.

Од вкупниот број на исчезнати лица, една петтина биле деца, односно малолетни лица или по бројки 74 лица, од кои пронајдени се 65, додека по 9 се уште се трага. Тоа се деца чии родители дури и по четири години се во исчекување, дали некогаш повторно ќе го видат своето чедо.

Од МВР побаравме и одговор колку од пронајдените исчезнари лица се пронајдени живи, а колку починати, но за жал не добивме таква информација, па не можеме да шпекулираме дали најчестата причина за исчезнувањата во Македонија се убиствата и самоубиствата или пак бегањето од дома.

Најмалку пријави за исчезнати лица има во изминатата 2023 година (до крајот на октомври) кога исчезнале 59 лица, додека пак рекорден број на исчезнати лица имаме во 2021, кога исчезнале 126 лица. Најголем број на нерешени, или отворени случаи на исчезнати лица имаме во 2020 година, од кога потрагата трае за 12 лица.

Од МВР велат пријава за исчезнато лице (дете) се поднесува во полициска станица од општа надлежност по место на исчезнување на лицето од страна на родител/старател на исчезнатото лице, одговорно лице од дом за деца без родители, или старател од дом-семејство каде е згрижено лицето.
Во случај ако лицето не е згрижено во некој од погоре наведените случаи, исчезнувањето на истото може да го пријави и близок роднина или друго лице кој го познава исчезнатиот.

Потрагата по исчезнатото лице се објавува на локално или централно ниво во зависност од информациите каде би можело да се наоѓа исчезнатиот, а во одредени случаи се распишува и меѓународна објава.

По пријава за исчезнато лице МВР веднаш постапува. Во зависност од информациите со кои се располага како причините за исчезнување, местото на исчезнување, неговото движење, дали лицето имало намера да ја напушти државата итн., се распишува локална или централна објава, а по потреба и меѓународна објава за потрага по исчезнато лице, велат од МВР.

На годишно ниво во Европа исчезнуваат 300.000 деца. По исчезнувањето на Вања минатата година, во јавноста се крена прашањето за воведување на поефективни мерки за известување на исчезнато дете со цел побрзо и поефикасно дејствување на цело општество и пронаоѓање на време. Еден од тие начини е воведувањето на системот “Амбер алерт” кој функционира во САД од 1996 година и во поголем број земји во светот.

Во Македонија пак, овој систем се уште не фунционира, а од МВР не добивме никакви новости околу неговото имплементирање. Во овој момент кај нас го има системот за исчезнати деца во форма на веб страна „Најди ме“ кој соработува со министерството за внатрешни работи, образование и наука како и труд и социјална политика.

Н.Ј.

Треба да знаете
Последни објави