Search

Субвенционираниот студентски оброк го „јаде“ инфлацијата, студентите бараат промени

Финансиска поддршка од 140 денари дневно или 840 денари неделно добиваат студентите како субвенциониран студентски оброк што можат да ги искористат од понеделник до сабота. Мерката е наменета како поддршка за покривање на дел од трошоците за исхрана на студентите и за неа се одвојуваат средства од Буџетот на државата. Студентите генерално се задоволни од мерката, но сметаат дека треба да се смени концептот и да се зголеми висината на финансиската поддршка.

Студентите кои ги анкетираше екипата на МИА велат дека и покрај зголемувањето на износот на финансиските средства од 120 на 140 денари дневно потребно е овие средства да се зголемат. Од Универзитетското студенско собрание имаат Предлог-концепт и очекуваат за тоа да разговараат со новиот министер за образование и наука.

Од Министерството за образование и наука (МОН) во изјава за МИА велат дека станува збор за мерка за субвенционирање, односно поддршка за покривање на дел од трошоците за исхрана на студентите, а не за покривање на сите трошоци за храна.

– Користењето на мерката е регулирано со законско решение кое во два наврати е надградено на барање на студентите, преку претставниците на универзитетските студентски собранија. Измените предвидоа зголемување на износот од 120 на 140 денари дневно и исплата на неделна основа, наместо на дневна. МОН на почетокот на секој месец објавува повик за пријавување на студентите кои претходно го немаат остварено ова право поради разни причини. Согласно условите, апликантот треба да е редовен студент, да не е регистриран како индивидуален земјоделец, да не е во работен однос и да нема приход по кој било основ повисок од износот на минималната нето плата во тековната година, појаснуваат од МОН.

Студентите бараат зголемување на средствата

Во анкета што ја направи екипата на МИА, студентите посочуваат дека средствата од субвенционираниот студентски оброк донекаде им помагаат да купат прехранбени производи, но со зголемувањето на животниот стандард, бараат да се зголеми износот.

– Сега засега е во ред. Многу попродуктивно е што се направи мерката да биде на неделно ниво отколку како што беше 140 денари на дневно ниво, меѓутоа, како што се зголемува стандардот на Република Северна Македонија, сметам дека така треба да се смени и сумата на нашиот оброк, заради тоа што тоа треба да оди паралелно. На неделно ниво, успеваме да купуваме нешто, меѓутоа сума-сумарум сепак се бориме. Сепак сме студенти, задоволни сме колку-толку. Може да се направи некоја измена. Мислам дека и во однос на другите држави коишто го имаат тој систем на субвенциониран оброк може да се искористи и да се преземе нешто, вели студентка за МИА.

Меѓу студентите има и размислувања дека висината на субвенцијата треба да биде зголемена барем до 200 денари.

– Мислам дека треба да бидат зголемени барем до 200 денари. Најмногу за храна ги трошиме парите како студенти од други градови. На неделно ниво ги користиме средствата, вели друга студентка во анкетата.

Најновите статистички податоци за мај покажуваат дека цените на мало се зголемени за 1,3 процент во споредба со април, а за 5,8 проценти во однос на мај лани. Инфлацијата во однос на април е зголемена за 0,9 проценти, а во споредба со мај лани за 4,5 проценти. Во делот храна и безалкохолни пијалоци има зголемување за 0,7 проценти. Најголем пораст има кај овошјето за 2,6 проценти и кај лебот и житата за 0,5 проценти.

– Оваа сума е релативно мала и најверојатно не може целосно да ги покрие основните трошоци за оброк на студентите. Имајќи предвид дека просечниот оброк во локални ресторани и мензи може да чини повеќе од оваа сума, студентите би можеле да се соочат со финансиски предизвици во обидот да обезбедат здрав и разновиден оброк. Доколку се земе предвид и растот на цените на храната и инфлацијата, оваа сума станува уште понедоволна, вели економскиот аналитичар, професорот Абил Бауш во изјава за МИА.

Зголемувањето на студентскиот субвенциониран оброк, според него, изгледа како потребна мерка со оглед на растечките трошоци за живот и инфлацијата, а смета дека можеби треба да се размисли и за промена на концептот како на пример: вклучување на повеќе опции за храна за студентите, вклучувајќи здрави и нутритивно балансирани оброци, со цел подобрување на нутритивната вредност на храната која студентите ја консумираат.

– Според истражувања, околу 30 проценти од студентите во земјата пријавиле дека не можат да си дозволат здрави оброци на дневна основа. Овозможување на ваучери кои можат да се користат во различни продавници и ресторани, наместо фиксна парична сума, би обезбедило поголема флексибилност и избор за студентите, што би можело да ги намали дневните трошоци за храна за околу 15-20 проценти. Интеграција на дигитални платформи кои би овозможиле полесен пристап до субвенционираните оброци може дополнително да ја подобри ефикасноста на програмата. Според податоците, дигиталните платформи можат да го намалат административниот трошок за управување со субвенциите за околу 5-10 проценти, овозможувајќи поголем дел од средствата да се искористат директно за студентите, посочува професорот Бауш.

Евентуалното зголемување на средствата за субвенциониран студентски оброк ќе повлече финансиски импликации врз Буџетот во зависност од бројот на студенти и процентот на зголемување.

Професорот Бауш вели дека дополнителните трошоци би можеле да бидат значителни, па така на пример ако се работи за околу 50 илјади студенти и секој добива дополнителни 500 денари неделно, тоа би резултирало со дополнителен трошок од околу 1,3 милијарди денари. Сепак, додава тој, инвестицијата во здравјето на студентите може да има долгорочни придобивки за општеството и пред да се донесе конечна одлука треба да се направи детална финансиска анализа и да се разгледаат можните извори на финансирање за мерката да биде одржлива.

– Истражувањата покажуваат дека подобрата исхрана може да ги подобри академските резултати за околу 10-15 проценти, што би можело да резултира со подобра вработливост и продуктивност на студентите по завршувањето на студиите. Дополнително, здравите навики за исхрана можат да ги намалат здравствените трошоци на државата на долг рок. Затоа, пред да се донесе конечна одлука, потребно е да се направи детална финансиска анализа и да се разгледаат можните извори на финансирање за да се обезбеди одржливост на мерката. На пример, може да се разгледаат алтернативни извори на финансирање како што се јавни и приватни партнерства, грантови од меѓународни организации или пренасочување на средства од други буџетски ставки кои имаат помал приоритет, нагласува професорот Бауш.

Универзитетското студентско собрание бара да се смени концептот на мерката

Александар Ристоски, потпретседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во изјава за МИА вели дека како студентско тело сметаат дека треба да се зголеми износот на финансиски средства, но и да се смени постојниот концепт. Предлагаат, без разлика на цената, да има посебни оброци наменети за студенти и купони со кои ќе можат да ги купуваат тие оброци. На ваков начин, сметаат дека нема да има злоупотреба од ничија страна.

– Сите ние не сме задоволни, не само со цената, туку и со концептот, бидејќи цената може да се покачи или може следната политичка партија или кој и да е на власт, да ја зголеми таа цена, а потоа истото може да го направат и местата каде што се купува оброк, тие да ја зголемат цената и практично не сме дошле до никакво решение. Затоа, сметам дека концептот треба да смени, односно без разлика на цената, да има посебни оброци за студентите и со купони да може истите да се подигнуваат. Така нема да има злоупотреба од ничија страна, вели Ристоски.

Сегашното законско решение кое предвидува 840 денари на неделно ниво беше донесено на барање на студентите на кои дотогаш им се исплаќаа 120 денари на дневна основа. Сите забелешки од студентите што стигнувале до Универзитетското студенско собрание биле решавани во комуникација со ресорното Министерство.

– Како студенско тело имаме направено група за комуникација меѓу студентите и таму ни испраќаат забелешки и ние во директна комуникација со МОН или банката, зависи каде е проблемот, ги решаваме ад-хок сите проблеми што ни пристигнуваат, нагласува Ристоски.

За да се смени концептот, Ристоски вели дека чекаат да се формира новата влада по што со новиот министер за образование и наука ќе преговараат за новините да стартуваат од следната академска година.

– Во врска со финансиите и концептот да се смени, чекавме да се промени власта бидејќи договор може да се постигне, па после да дојде друг министер. Затоа овој период имавме помалку комуникација. Откога ќе дојде новиот министер или министерка ќе направиме договор како понатаму од следната учебна година да биде зголемен износот и да биде сменет концептот, нагласува Ристоски.

Субвенциониран студентски оброк користат околу 30 илјади студенти

На иницијатива на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), пратениците во февруари ги изгласаа измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, според кој од први март годинава средствата наместо на дневно ниво им се исплаќаат на неделно ниво.

Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во наведениот период не го искористи правото на субвенционирање студентски оброк, износот од субвенциониран студентски оброк не му се префрла во наредниот ден. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државните празници и неработните денови.

Субвенционираниот студентски оброк, како што посочуваат од МОН, се исплаќа од буџетска ставка преку која се надоместуваат повеќе други права на студентите, како стипендии за студирање во земјата и во странство и партиципација за сместување во студентски домови, која годинава изнесува 1,21 милијарди денари.

За оваа мерка, МОН има склучено договор со „Шпаркасе банка“ АД Скопје. Сите студенти кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк, треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. За отворањето на сметката и издавањето на платежната картичка студентот не сноси никакви трошоци.

Треба да знаете
Последни објави