Search

Од почетокот на годинава се отстранети 150 диви депонии на територија на Град Скопје

Екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје во периодот јануари-јуни 2024 година,  подигнале и транспортирале вкупно 2500 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје. Тие интервенирале во сите скопски општини, при што биле отстранети приближно 150 диви депонии.

-Од почетокот на годинава, ЈП Комунална хигиена – Скопје се соочува со појавата на масовно непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини, особено во непосредна близина на контејнерите наменети за одлагање на комуналниот отпад, велат од претпријатието.

Основната дејност на ЈП Комунална хигиена-Скопје, велат оттаму, е собирањето и транспортот на комуналниот отпад од домаќинствата и правните субјекти, коишто континуирано се реализираат седум дена во неделата, согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.

-Покрај своите редовни активности, екипите на Претпријатието се секојдневно максимално ангажирани за извршување вонредни акции, како што е расчистувањето диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописното и несовесното одлагање отпад на јавните и на сообраќајните површини. Во оваа насока, Претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнерите, кантите или корпите за отпадоци, се вели во денешното соопштение.

Треба да знаете
Последни објави