Search

Герасимовски: Преку културни настани ги промовираме малите еко производители на храна, угостителите и претприемништвото кај младите

Во Паркот на Франкофонијата, вчера попладне центарци и многу љубители на вкусната храна се забавуваа на несекојдневно „афтер ворк” дружење. Манифестацијата „Нож и виљушка на Европска чинија” претставуваше уникатно гастрономско доживување, надополнето со музички призвук за сите генерации, кое имаше за цел да ја доближи домашната и европската кујна кај присутните. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцираше дека настанот „Нож и виљушка на европска чинија” има за цел да ги поддржи произведувачите на храна.

„Настанот беше одличен приказ на успешниот спој на гастрономијата и културата. Си поминавме одлично. Мило ми е што граѓаните дегустираа и купуваа разновидни несекојдневни специјалитети, еко производи и крафт пијалаци од нашето поднебје, но и од европските држави Австрија, Германија, Франција, Турција, Италија итн. На продажно-изложбените штандови, свои производи имаа компаниите Мелем од вкусови, Туф.мк, Моја бавча, Натурал 2020, Смидџин, Сакам пиво, ‘Вк крафт дестилерија, Нутрико, Натс како и многу угостители кои ги промовираа и продаваа своите производи и специјалитети кои можеби ги нема во супермаркетите, а посетителите со воодушевување ги пробуваа. Дефинитивно на сите ни недостигаат вакви настани. Се надевам дека со оваа организација доближивме нови вкусови до граѓаните кои ќе помогнат во поддршката на производителите”, порача Герасимовски.

На настанот, присутни беа и Активот на жени од здружението на пензионери на Општина Центар кои ги презентираа традиционалните македонски јадења и на лице место со своите вешти раце им прикажаа на помладите генерации како се меси, плете и везе. Исто така настанот беше збогатен со музичка програма на која настапија: музичкото дуо-слободни уметници, хорот „Елегија” при Здружението на пензионери на Центар и играорците од ансламблот  „Орце Николов” како и претставници од дипломатскиот кор. Изведувани беа и традиционалните македонски танци, а граѓаните се потсетија и на популарните македонски, англиски, француски и италијански безвременски мелодии кои имаат трајни вредности во музичката култура.

Општина Центар покажа дека не само што поттикнува забава и дружење со многу позитивна енергија, туку и дава поддршка на малите еко производители, изложувачи и угостители преку промовирање на разновидна гастрономска култура. На тој начин општината помага во стимулирање и развој на иновации и претприемништво кај помладите генерации.

Треба да знаете
Последни објави