Search

Save the Children: 6,5 милиони авганистански деца годинава ќе се соочат со глад

Меѓународната хуманитарна организација Save the Children, во својот годишен извештај објави, предвидување дека 6,5 милиони деца во Авганистан годинава ќе доживеат кризни нивоа на глад.

Речиси една третина од децата во Авганистан годинава ќе се соочат со кризни или вонредни нивоа на глад бидејќи земјата ги чувствува непосредните ефекти од поплавите, долгорочните ефекти од сушата и враќањето на авганистанските бегалци од соседните Пакистан и Иран, се наведува во извештајот на Save the Children објавен вчера, пренесе Бета.

Се проценува дека 28 отсто од населението во Авганистан, што е околу 12,4 милиони лица, ќе се соочи со акутна несигурност во храната пред октомври годинава. Речиси 2,4 милиона ќе доживеат екстремни нивоа на глад, едно ниво над отворената глад, согласно класификациите и податоците на Save the Children.

Организацијата додаде дека во 2024 година околу 2,9 милиони деца на возраст под пет години ќе страдаат од акутна неухранетост.

Save the Children минатиот месец соопшти дека четвртина милион авганистански деца имаат потреба од образование, храна и засолниште откако биле насилно вратени од Пакистан.

Организацијата наведува дека досега се исполнети само 16 отсто од средствата за потребите за хуманитарен одговор за 2024 година, а на речиси половина од населението им е потребна помош. 

Треба да знаете
Последни објави