Search

Циципас оди во третото коло на Ролан Гарос, пет натпревари прекинати поради дожд

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас денеска се пласираше во третото коло на Отвореното првенство на Франција, откако го совлада Германецот Даниел Алтмаер со 6:3, 6:2, 6:7(2), 6:4. Деветтиот тенисер во светот по два часа и 45 минути игра по шести пат во кариерата стигна до третото коло на Ролан Гарос.

Циципас одигра добро првиот час, погоди 27 винери во првите два сета, но Германецот одби да се предаде и го доби третиот сет во тајбрејк 7:2.

Алтмаер прв направи брејк во четвртиот сет поведувајќи со 4:3, но Циципас одигра поагресивно и ги доби следните три гејма за победа и пласман во третото коло.

Следен противник на Циципас ќе биде подобриот од мечот меѓу Лоренцо Сонего и Џан Јижен.

Дуелот меѓу Циципас и Алтмаер е единствениот натпревар од денешната програма во машка конкуренција досега комплетиран, бидејќи пет беа прекинати поради дожд.

Во женска конкуренција, исто така, беше комплетиран само еден натпревар и во него Американката Софија Кенин победи против Французинката Каролин Гарсија со 6:3, 6:3. Таа во третото коло ќе игра против Јелена Остапенко – Клара Таусон, подобрата од мечот.

Треба да знаете
Последни објави