Search

Одбележани 20 години од најголемото проширување на Европската Унија

Амбасадите на Чешката Република, Унгарија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија во Скопје вечерва во „Јуроп хаус“ одбележаа две децении членство во Европската Унија со мотото „Обединети во различноста“.

Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Кипар, Словачка и Словенија пристапија во Европската Унија на 5 мај 2004 година и тоа проширување на ЕУ со десет нови членки беше најголемо по број на држави и население. Седум од државите потекнуваа од поранешниот источен блок, една држава од поранешна Југославија и две земји средоземни острови.

На специјална изложба низ паноа беа претставени податоци за напредокот и учеството на секоја од земјите во заедничкото европско семејство во изминатите две децении, а амбасадорите на шесте земји кои учествуваа на настанот ги потенцираа придобивките од споделените европски вредности и бенефитите за добросостојбата на нивните граѓани.

Настанот го отвори шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, кој нагласи дека тоа „Биг бенг проширување“ е историско за Унијата и, како што рече, тоа беше „дефинитивен чекор напред во помагањето да се врати Европа во поприродна политичка географија, каде што сме обединети заедно во Европската Унија“.

-Моите колеги ќе зборуваат за придобивките што ги донесе проширувањето за нивните земји, но би сакал овде да ги споменам придобивките што проширувањето ги донесе за Европската Унија за 74 милиони граѓани во 2004 година и, секако, имавме уште три земји кои се приклучија оттогаш. Ова е масовно зголемена трговска размена, ја поттикна економијата, го поттикна финансирањето на Европската Унија, донесе иновации, креативност, разновидност во ЕУ, ја зголеми нашата позиција како меѓународен актер. Беше од огромна корист, не без предизвици, се разбира, тоа е природата на овие процеси, рече Гир, додавајќи дека проширувањето во 2004 година е вистински историски момент во историјата на Европската Унија, самата Европа и имаше огромно влијание врз граѓаните во Унијата.

Следното проширување на Европската Унија беше во 2007 со приклучувањето на Бугарија и Романија, а шест години подоцна Хрватска стана ЕУ-членка што беше и последно проширување на Унијата. 

Треба да знаете
Последни објави