Search

Кацарска ќе даде осврт за претседателскиот мандат во Уставен, до крајот на месецов ќе се знае нејзиниот наследник

Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, денеска на прес-конференција ќе даде осврт на тригодишниот мандат како претседателка на највисокиот суд во државава.

На Кацарска мандатот ѝ истекува на 2 јуни, до кога треба да се избере и нов претседател на Уставен.

Според Деловникот на Уставен, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.

 Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд од кои до крајот на месецов некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.

 Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.

 Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Претседателот на Уставниот суд го претставува Уставниот суд, ги потпишува одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд, се грижи за спроведување на Деловникот на Уставниот суд и врши и други работи определени со овој деловник.

Во случај на отсутност или спреченост претседателот го заменува судија според распоредот утврден од Уставниот суд по азбучниот ред на презимето на судиите.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

Треба да знаете
Последни објави