Search

Кацарска: Нема да предложам ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вечерва изјави дека нема да предложи ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, за тоа да не биде сфатено дека пренесува нечија порака.

-Да не помисли некој дека јас пренесувам нечија порака, дека некој ми кажал кого да предложам, или нешто слично. Знаете, секогаш нешто погрешно се толкува во јавноста, рече Кацарска во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Гласањето е тајно, вели претседателката на Уставниот суд, а за кого ќе гласа не може да каже. Кацарска кажа дека досега никој не и се јавил да лобира за никого.

– Можеби нема да ми верувате, но најискрено го кажувам ова, мене никој не ми се јавил да ми каже за кого да гласам. Доволно ме познаваат сите и знаат дека дека влијание кај мене не поминува, дали ќе се јави еден или сто луѓе, без оглед дали ќе се тоа политичари, бизнисмени, обични граѓани, знаат дека јас ќе гласам онака како што јас мислам. Затоа мене никој не ми се јавува. Дали кај другите колеги има лобирања или не, не знам, рече Кацарска.

Зборувајќи за заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, Кацарска рече дека иако на никого во Македонија не му се допаѓа името, тоа сепак е наведено во Уставот, а тој мора да се почитува.

-Јас сум убедена дека не постои Македонец кој е среќен со промената на името, сите ние би сакале да остане нашето вековно име, но за жал реалноста е таа. Името е сменето и во самиот Устав е наведено кое е нашето име, и сега сметам дека ние сме должни да го користиме уставното име, коешто е Република Северна Македонија, рече Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд, зборувајќи за случаите во кои била нападната, рече дека претходни случаи кога била нападната не ги пријавила, вклучувајќи го и физичкиот напад што го имала во Грција.

– Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата после неколку дена отидов една недела на одмор во Грција, со моја пријателка. Бев физички нападната на плажа, бев удрена со клоца во ногата, во пределот на глуждот. Имав голем оток, имаше модрица и со таква нога јас возев до Скопје. Не пријавив за тој настан. Сметав дека е изолиран случај, и токму затоа наредниот ден заедно со другарка ми се вративме во Скопје, рече Кацарска.

Обезбедувањето, како што кажа, го добила по претходна безбедносна проценка, а таа лично не барала такво нешто. Кацарска рече дека не се чуствува безбедна, но оти нема сознанија кој ги предизвикува овие напади и дека што и да каже ќе биде во рамки на шпекулации.

– Со оглед дека бев 34 години судија во Кривичниот суд научена сум да носам одлуки исклучиво врз основа на факти, врз основа на изведени докази. Што и да кажам би било во рамките на шпекулации, така што јас немам сознанија кој стои зад овие напади, рече Кацарска.

Треба да знаете
Последни објави