Search

Заврши сезоната на искачување на Еверест, осум лица загинаа

Во Непал денеска заврши сезоната за искачување на Еверест, одбележана со неколку рекорди, но и осум смртни случаи, соопшти министерството за туризам и компаниите кои организираат експедиции.

Повеќе од 600 алпинисти и водичи успеаја да се искачат на Еверест оваа сезона, која трае во април и мај, објави Ракеш Гурунг од непалското Министерство за туризам. Точните бројки допрва треба да се проверат.

„Тимовите ја исчистија опремата и искачувањето во моментов е затворено“, изјави Гурунг за АФП. „Сезоната е завршена“.

Бројот на осум загинати е помал од 2023 година, кога имаше 18. Меѓу жртвите годинава има и двајца алпинисти од Монголија, и по еден од Кенија, Непал и Индија. Еден Британец и двајца непалски водичи се исчезнати и се претпоставува дека се мртви.

Непалската алпинистка Пуњо Лама постави рекорд за брзина на искачување за жени, од 14 часа и 31 минута. Вториот рекорд го постави непалскиот алпинист и водич Ками Рита Шерпа (54), кој на врвот стигна по триесетти пат. За прв пат го искачил во 1994 година, пред точно 30 години.

„Толку многу планинари прават име и репутација искачувајќи се на нашите планини“, рече Пурнима Шреста, исто така рекордерка во женска конкуренција, откако се искачи на врвот три пати во една сезона.

„Добро е што ние Непалците поставуваме рекорди во сопствената татковина“, нагласува таа.

Треба да знаете
Последни објави