Search

Се сретнаа бившите лидери на СДСМ: Нов претседател да се избере без фаворизирање

Претседателот на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски, одржал состанок со поранешните партиски лидери, на кој се разговарало за внатрепартиските процеси после поразот на партијата на двојните претседателски и парламентарни избори, пренесува „Фокус“.

Според информациите на Фокус, на состанокот со Ковачевски присуствувале Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Владо Бучковски, но не и Бранко Црвенковски, кој, како што е познато, го замрзна членството во партијата после интервјуто на Заев за БГНЕС.

Еден од учесниците неофицијално ја потврдил средбата, посочувајќи дека се водела конструктивна дискусија во насока дека треба ефикасно да се спроведат внатрепартиските постапки за избор за ново раководство во фер атмосфера, без фаворизирање на ниту еден потенцијален кандидат.

–Заклучокот беше да не се повтори ситуацијата од последните внатрепартиски избори, кога тогашниот лидер имаше јасен фаворит кој на крајот беше и избран за претседател. Треба сите кандидати да имаат можност за фер натпревар – вели нашиот соговорник.

Според него, новиот лидер и новото раководство на СДСМ прво на локалните избори треба да се фокусираат на неколку скопски општини и на општините во внатрешноста каде има шанси за позитивен резултат, па главниот тест треба да дојде на следните парламентарни избори за 4 години.

–СДСМ нема да може да може да издржи уште едно раслојување – вели тој, додавајќи дека на состанокот на поранешните партиски лидери не се разговарало за конкретни лица. Сепак, очекува во следниот период да се случи групирање на дел од имињата лиферувани во јавноста, а не се исклучува во игра за нов партиски лидер да влезе и некој анонимен лик.

Треба да знаете
Последни објави