Search

Циклонот Ремал ги погоди Индија и Бангладеш, загинаа осум лица

Циклонот Ремал ги погоди Бангладеш и источна Индија, поплавени се крајбрежните села, а осум лица загинаа, стотици илјади се раселени и останаа без електрична енергија, објавија денеска локалните медиуми.

Властите сè уште не ги објавија податоците за жртвите, но бангладешската телевизија Сомои објави дека најмалку осум лица загинале. Уште две лица се водат како исчезнати во превртениот чамец, јави телевизијата. Во индиската држава Западен Бенгал, однесени се сламени покриви на куќи, додека во некои области се откорнати столбови за струја и дрвја. Засега нема извештаи за жртви. Обилните дождови поплавија улици и куќи во пониските делови на градот Калкута.

Циклонот Ремал значително ослабна откако рано утринава мина низ областа Патуакали во Бангладеш со ветрови од 111 километри на час. Метеоролошкиот оддел во Дака соопшти дека ветерот сега е 90 километри на час со удари до 120 километри.

Индискиот метеоролошки оддел соопшти дека Ремал најверојатно дополнително ќе ослабне во текот на денот. Предупреди на обилни врнежи над Асам и другите североисточни држави во следните два дена.

Ремал е првиот циклон во Бенгалскиот залив пред овогодинешната сезона на монсуните, која трае од јуни до септември.

Бреговите на индискиот потконтинент често се погодени од циклони, но промената на климатските модели го зголеми интензитетот на бурите, што ги прави подготовките за природни катастрофи поитни.

Треба да знаете
Последни објави