Search

Темелковски: Да престане битката за партијата, да ја вратиме борбата за Социјал Демократијата

Поминаа уште едни избори, претрпевме уште еден голем пораз.Изгубивме уште една битка, битка по која што социјалдемократското членство и симпатизери, водено од сегашните лидери и политики се преполови и паднаа на рекордно ниска бројка од 150.000 гласови. Битка во која не само што е поразена социјалдемократијата, туку е скршен и целиот морал и вредности за кој се залагаше нашиот врв, вели во своето обраќање насловено како „Манифест на еден социјалдемократ“ Филип Темелковски, поранешниот градоначалник на Кисела Вода од редовите на СДСМ и додава: -Ја изгубивме битката на сите фронтови и полиња. Но тоа и не е толку трагично, колку што е трагичен фактот, што уште не освестени од поразот на битката, дел од генералите и лидерите на таа битка, објавија желби за превласт и превземање на партијата, која што тие и до сега ја командуваа, без да извлечат никаква поука од поразот, која што беше јавно пратена од народот. А таа е Ниеден активен функционер од сегашново раковотство неможе да биде дел од идното лидерство на СДСМ, не зошто јас или некој друг така мисли, туку зошто народот го кажа своето. ДОСТА Е. Мора да престане битката за партијата, а да се потрудиме да ја вратиме борбата за Социјалдемократијата. Со едно се сложувам со последната колумна на Стефан Богоев, а тоа е дека прво треба да се проверат нашите редови и членство и тоа не само оние кој имаат сега книшки, туку и оние кои имале, а се одкажале од нив, а делат социјалдемократски вредности и ставови. Второ треба да се слушне отчетот на сегашниот председател и раководство, каде и што погрешивме( Иако сметам дека сите знаевме и сите грешевме и оние што имаа можност за одлуку и оние кој замижувавме пред грешките), а главната грешка секако е во фактот што првично се преценивме себеси и нашиот лидерски тим, а второ не работевме доволно на промена на системот кој требаше да испорача правда и правичност за сите, а со тоа и еднаква можност за успех за сите граѓани на Македонија. Метлата што Драган Спасовски Дац ја подаде на Претседателот Заев, не заигра и собира прашина на Бихачка, а моќта на некој партиски лепачи на плакати на раководните функции, беше преголема и неоправдана и поголемиот дел од нив заборавија дека се во служба на народот, а не во служба на нивните семејства. По светиот грал наречен ЕУ, се чекореше без стратегија, визија и зацртани цели, притоа откажувајки се од принципите, моралите и идеалите, за кои што никој немаше право да тргува. Граѓаните и гласачите беа само за едно нешто согласни во врска со владата на СДСМ, а тоа е дека треба што побргу и што поскоро да замине во заборав и никогаш да не се повтори, а разочараноста беше подеднаква и кај младите  и кај пензионерите и кај националистите и кај оние за Европска Македонија, но најмногу кај оние на кој ветивме правда. Затоа на СДСМ му е потребен лидер кој го нема багажот на претходните два изборни порази, лидер кој е од редовите на СДСМ, но не бил функционер или член на извршен орган од 2020 па наваму. Лидер кој ќе предложи програма, визија и цел, но и финансиски и акционен план како понатаму. Лидер кој ќе ги врати правите СоцијалДемократски вредности како еднаквост пред законот, просперитет и обединување на нацијата и националните вредности на кој е оваа земја изградена. Лидер со харизма, но и со тим спремен за работа, спремен да го слушне гласот на народот и да работи на неговата иднина. Лидер кој ќе биде отчетен и кој ќе ги остави независни телата на партиата, за да му служат како коректор кога тој греши, пред да дојде корекцијата од народот. Лидер кој ќе ги врати младите, но и ќе ги обедини искусните и заслужните членови, кој ќе помогнат со нивните искуства креирајки ја правилната стратегија за развој на партијата и креирајки ја новата визија и план за Европска Македонија. Екипата на новото раководство на СДСМ мора да направи реална програма и цели, како ќе се задржат младите со анализа на образованието и нови работни места и трендови, но мора да најде можност и за мирни пензионерски денови на постарите кој го хранеа фондот и системот изминативе 30 години со нивната мака труд и пот. Сметам дека не смее да се избрза со изборот на овој лидер и мојот предлог е обединето раководство до наредните локални избори, кој сплотено ќе работат на новата Социјалдемократска програма и визија како и чистење на дел од членството кое е неактивно или контролирано од некој претходни лидери. Затоа пред да се тепате кој ќе седне на фотељата на Бихачка, дајте да анализираме, како и каде погрешивме и да се потрудиме никој следен да не ја запоседне партијата и да ја менаџира како негов личен имот, туку да чуствува обврска према целото членство и партија и да работи за доброто на сите нас. Дајте да ги тргнеме суетите на страна и да помогнеме на враќањето на социјалдемократијата на правиот пат, зошто за едно сум сигурен дека сите ќе се сложиме, а тоа е дека враќањето нема да биде ниту лесно ниту брзо, а заедно можеме многу пократко и посигурно да ги вратиме изгубените социјалдемократски вредности.

Треба да знаете
Последни објави