Search

Рама: Договорот за миграција со Италија е единствен, не одговарам на повиците од други влади

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека договорот за миграција со Италија е единствен и дека нема да одговори на повиците од другите влади во Европа да склучат договор.

Рама за магазинот „Фајненшл тајмс“ изјави дека Договорот за мигранти на Албанија со Италија е „единствен од ваков вид“ и покрај интересот на другите влади, отфрлајќи ги понудите од некои престолнини на ЕУ за повторување на потегот.

Рим и Тирана минатата година се договорија да основаат центри за мигранти во Албанија, каде што ќе бидат регистрирани мигрантите чија крајна дестинација е Италија и каде што ќе чекаат нивните барања за азил да бидат разгледани од италијанските власти.

Планот наиде на критики од групите за човекови права, но го привлече интересот на некои европски влади на десниот центар.

Десничарската Европска народна партија дури ја вклучи во својата изборна платформа за јунските избори за Европскиот парламент.

– Договорот е еднократен, 100 отсто еднократен – изјави Рама за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека му пристапиле други влади за да видат дали може да го повтори аранжманот со Италија.

– Реков не. Затоа што нема смисла за мене. Италија е многу посебна за нас. Тоа е многу длабоко вкоренето пријателство – рече албанскиот премиер.

Рама рече дека договорот со Италија се заснова на долга историја на меѓусебно спроведување на законот, наведувајќи ја помошта на италијанската крајбрежна стража во контролирањето на емиграцијата во 1990-тите и поновите напори против шверцот на дрога.

Во пристаништето Шенѓин, на околу 60 километри северозападно од Тирана се гради центар за притвор за околу 3.000 мигранти спасени во италијанските води.

-Освен Албанија, и другите балкански земји би можеле да помогнат доколку процесот е добро структуриран и одржуван во рамките на меѓународното право, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави