Search

Наузеда ја објави победата на претседателските избори, неговиот ривал го призна поразот

Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда прогласи победа во последниот круг од претседателските избори во оваа балтичка земја, бидејќи тековното пребројување на гласовите покажа дека тој има голема предност во неговата трка против Ингрида Шимоните, објавија американските и британските медиуми.

Изборната комисија извести дека Наузеда добил 76 отсто од гласовите по преброените 80 отсто од гласачките ливчиња.

Шимоните го призна поразот и рече дека „му честита на новоизбраниот претседател на Литванија“.

-Литванскиот народ ми даде голем мандат на доверба и свесен сум дека ќе морам да ја задржам оваа доверба, изјави 60-годишниот Наузеда за медиумите во Вилнус откако неговиот ривал му честиташе за победата.

Тој изрази уверување дека ќе може да го искористи своето петгодишно искуство на функцијата „правилно, пред сè за да ги постигне целите за благосостојба на сите луѓе во Литванија“.

Наузеда е поранешен банкар од десниот центар, кој се етаблира како проевропски политичар и верен бранител на Украина за време на неговиот прв мандат.

Литванија е земја членка на НАТО и ЕУ, со население од 2,8 милиони жители за која се стравува дека ќе биде следната цел на Русија доколку победи во војната против Украина. Наузеда е жесток критичар на Кремљ.

Треба да знаете
Последни објави