Search

Министрите на Г7 планираат мерки поради прекумерното производство на стоки во Кина

Министрите за финансии на Г7 на состанокот во Стреса, Италија, најавија дека планираат да преземат мерки против хиперпродукцијата на стоки во Кина, што ги преплави западните пазари со субвенционирани евтини производи.

Министрите од седумте најбогати либерални економии, исто така, изразија загриженост дека Кина спроведува антипазарни политики и практики кои им штетат на работниците, индустриите и колективната економска сила на земјите од Г7.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен ја повика Г7 да формира јасен и обединет фронт против прекумерните индустриски капацитети на Кина кои создаваат макроекономски дисбаланси и ги повика земјите да подготват одговор на тоа.

-Министрите за финансии на Г7 имаат намера да продолжат да ги следат потенцијалните негативни ефекти од кинескиот вишок капацитет и планираат да преземат мерки за почитување на еднакви услови на пазарна конкуренција во согласност со Светската пазарна организација – се наведува во нацрт-изјавата до која дојде Франс прес.

Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер, исто така, ја повика Г7 да создаде обединет фронт за заштита на индустриските интереси од Кина, предупредувајќи дека треба да се избегне трговска војна.

Западните земји се загрижени дека огромните субвенции што кинеската влада ги истура во технологијата, зелената енергија, електричните возила или батериите би можеле да го преплават светот со евтини производи и да ги загрозат кинеските конкуренти во тие сектори.

Во средината на мај, Вашингтон објави значително зголемување на царините во вкупна вредност од 18 милијарди долари за кинески производи, особено за електрични возила и батерии за тие возила, како и за клучни метали.

Европската комисија, која како организација учествува на самитите на Г7, заедно со претставниците на Франција, Германија и Италија, кои се нејзини членки, е во конфликт со Кина, која ја обвинува дека го нарушува европскиот пазар со маркетинг на голема количина стоки по нереално ниски цени.

По автомобилите, железниците и соларните панели, Брисел во април отвори истрага за нефер практики на производителите на ветерна енергија субвенционирани од Пекинг, што може да резултира со царини.

Од друга страна, кинескиот министер за трговија Ванг Вентао ја обвини Европската комисија дека води протекционистичка политика, а не зелена политика, како што тврди, со покренување истраги за кинеските субвенции.

Треба да знаете
Последни објави