Search

Македонската изворна музичка ризница претставена во Рим на манифестацијата „Ден на Светите Кирил и Методиј“

Со концерт на Националната установа Камерен оркестар на Битола и солистката Нада Талевска-Спасовска,  во салата „Балдини” во Рим, вчеравечер, се одржа културната програма во рамки на  традиционалната манифестација „Ден на Светите Кирил и Методиј”.

На концертот на нашите уметници на кој присуствуваа и членовите на државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,   беа исполнети македонски изворни песни, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.

Пред концертот, присутните во салата ги поздрави заменик-министерот за култура Онур Али кој говореше за духовната врска меѓу Ватикан и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато наследство за човештвото.

-За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност, рече заменик-министерот Али.

Тој додаде дека во духот на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј,  Северна Македонија, преку културата и уметноста, културно наследство кое го поседува, политиките кои ги води за толеранција, дијалог за различностите, развој на интеркултурализмот, создавање услови за европеизација на културниот контекст, подготвено се соочува со предизвиците  на новото време и забрзано се доближува  до модерна Европа.

По повод чествувањето на сесловенските просветители денеска ќе се одржи молебен во базиликата „Сан Клементе” во Рим, а програмата на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј” ќе биде заокружена со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика „Санта Марија Маџоре”.

Треба да знаете
Последни објави