Search

Генералното собрание на ОН денеска ќе гласа за резолуцијата за Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе гласа за резолуција со која 11 јули ќе се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и ќе се осуди негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Нацрт-резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница е вклучена во дневниот ред на 82-от Пленарен состанок под точката Култура на мирот, во 16 часот.

Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда, а ја спонзорираа уште 34 земји, вклучувајќи ги и земјите од Квинтата и сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.

Покрај предлагачите Германија и Руанда, спонзори на резолуцијата се: Албанија, Австралија, Австрија, Бангладеш, Белгија, БиХ, Бугарија, Чиле, Данска, Естонија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Ирска, Исланд, Италија, Јордан, Канада, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Маршалските Острови, Норвешка, Нов Зеланд, Полска, САД, Северна Македонија, Словенија, Шведска, Турција, Велика Британија и Вануату, се наведува во нацрт-документот.

Во нацрт-резолуцијата се потсетува на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кои злосторството во Сребреница го окарактеризираа како геноцид.

Исто така, се потсетува дека во 2025 година се одбележуваат 30 години од геноцидот во Сребреница во кој во 1995 година згаснаа најмалку 8.372 животи.

Се нагласува одговорноста на државите да стават крај на неказнивоста за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права и да ги гонат одговорните за таквите дела со цел да се избегне нивно повторување и да се постигне одржлив мир, правда, вистина и помирување.

Во финалниот текст беа вметнати два амандмани предложени од Црна Гора, кои повторуваат дека „кривичната одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид не може да се примени на која било етничка, верска или друга заедница како целина“, како и „цврстата посветеност на одржување и зајакнување на единството во различностите во Босна и Херцеговина“.

Треба да знаете
Последни објави