Search

Џенет Јелен: Санкциите против Русија главно се заобиколуваат преку Кина, Обединетите Арапски Емирати и Турција

Американската министерка за финансии Џенет Јелен ги повика денеска директорите на европските банки да ја зајакнат контролата врз спроведувањето на американските санкции против Русија.

„Ги повикувам сите институции строго да се придржуваат до мерките и уште повеќе да се фокусираат на руските обиди да се избегнат санкциите“, рече Јелен.

Таа изјави дека санкциите воведени во декември 2023 година ги попречиле напорите на Русија за производство на стоки неопходни за војната во Украина, но во исто време додаде дека треба да се направи повеќе на тоа поле.

Јелен побара од шефовите на европските банки да се погрижат нивните филијали и подружници во странство да ги почитуваат санкциите против Русија.

Таа нагласи дека американските санкции против Русија во моментов најмногу се заобиколуваат преку Кина, Обединетите Арапски Емирати или Турција.

Американското Министерство за финансии сè уште истражува нови можности кои би ги намалиле приходите на Русија и би ја спречиле Москва да набавува производи што ги користи за војната во Украина, заклучи Јелен.

Треба да знаете
Последни објави