Search

Ален: Бевме разочарани кога видовме дека Сиљановска Давкова не го користи целосното име Северна Македонија

САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и беа разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата на функцијата, рече во разговор за „Сакам да кажам.мк“ Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот.

Ален денеска со посетата на Македонија ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

На прашањето што би се случило ако новата македонска влада реши да не го почитува Преспанскиот договор со Грција, дали и што САД ќе променат во поддршката за Македонија, Ален изјави дека небсака да прејудицира ништо, но се надева дека Преспанскиот договор ќе се почитува.

– Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име Северна Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме дека лидерите на Северна Македонија ќе се придржуваат до меѓународните договори, рече Ален.

Амбасадата на САД во Скопје на својата ФБ страница објави дека Ален денеска за време на посетата на земјава, имала средба со експерти за интегритет на информации на која се разговарало за заштита на слободните и отворени општества од малигни влијанија. Таа го посетила и археолошкиот локалитет во Стоби.

Посетата на Ален на Северна Македонија е дел од нејзината регионалната турнеја со цел да се продлабочат партнерствата со земјите од Западен Балкан и да се унапредат заедничките цели за регионална соработка и европска интеграција.

Треба да знаете
Последни објави