Search

Паѓаат цените на недвижностите во Германија, растат на кириите

Во првиот квартал станбените недвижности во Германија биле за 4,3 отсто поевтини во однос на истиот период минатата година, објави германското здружение на банки.

Цените на изнајмувањето на новите станови во исто време пораснаа за 5,6 отсто. Трендот на раст на кириите нема да попушти во блиска иднина, сметаат од ова здружение.

Како што забележуваат, кириите во Германија растат поради недостигот на станбен простор во услови на високи градежни трошоци и кредити кои го успорија градежниот сектор и побарувачката, намалувајќи ги цените на квадратурата, пишува порталот „Бизнис“.

– Пазарот за изнајмување станови е под огромен притисок. Побарувачката во голема мера ја надминува понудата – изјави извршниот директор на ова здружение, Јенс Толкмит. Трошоците за изградба значително се зголемија во последните години поради повисоките каматни стапки на кредитите и значително повисоките трошоци за работна сила и цените на градежните материјали.

Во такви услови, бројот на одобренија за градба опаѓа, а побарувачката слабее, што резултира со пониски цени на становите, сметаат експертите. Според информациите на оваа банкарска асоцијација, цените на недвижностите најмногу се намалени во Минхен – за 5,3 отсто

Проценките се дека цените на становите ќе се стабилизираат во догледна иднина. Во исто време, цените на квадратните метри во деловните згради паднаа за речиси 10 отсто на годишно ниво и „дното“ се уште не е на повидок, рече Толкмит.

Информациите за движењата на пазарот се засноваат на податоци од повеќе од 700 банки активни во финансирањето на недвижен имот, а не на понуди за купување и изнајмување кои служат како основа за заводот за статистика, се забележува во извештајот.

Треба да знаете
Последни објави