Search

Италија погодена од поплави по обилните дождови, најтешко во Падова и Виченца

Невремето и обилните дождови предизвикаа поплави во многу делови на северна Италија, а особено беа погодени градовите Падова и Виченца, пишува во петокот Би-Би-Си.

Службите за итни случаи користат гумени чамци за да ги спасат луѓето од нивните домови, а на снимките се гледаат автомобили како пливаат по улиците. Гувернерот на провинцијата Венето го опиша времето во текот на ноќта како „водена бомба“. Југот на Италија се соочува со топлотен бран невообичаен за овој период од годината, а на Сицилија се забележани температури до 35 Целзиусови степени.

Професорот Марко Марани, експерт за ефектите од климатските промени од Универзитетот во Падова, за весникот „Кориере дел Венето“ изјави дека „екстремните настани стануваат се почести и ќе се интензивираат со зголемувањето на глобалното затоплување“. Бреговите на реката Монсун деи Саси во областа Падова попуштија поради силниот дожд во раните утрински часови во петокот, што предизвика поплави. Товарен воз во градот Борго Мантовано во провинцијата Ломбардија бил превртен од налетите на ветерот со брзина меѓу 150 и 200 километри на час. Локалниот лидер Алберто Борсари на социјалните мрежи напиша дека „многу улици и подруми се поплавени“ и дека ситуацијата е „навистина тешка“.

„За среќа, никој не е повреден“, додаде тој. Дожд до 130 милиметри падна во еден ден во Милано, што предизвика поројни поплави. Очевидци велат дека таков интензитет на дожд не бил забележан во мај повеќе од 170 години. Властите за цивилна заштита прогласија црвена тревога во Венето до 14 часот, особено меѓу Виченца и Верона. Едно лице е исчезнато во реонот на градот Комо по уривањето на мал мост.

Во исто време, многу суви услови се забележани на островот Сардинија, кој веќе се соочува со уште една лоша сезона за локалните земјоделци на пченица, кои очекуваат половина од нивниот нормален род поради недостиг на вода, пишува локалниот весник L’Unione Sarda.

Треба да знаете
Последни објави