Search

„Европскиот фронт“: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“

„Европскиот фронт“ смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со „Бехтел и Енка“. Ниедна влада не може да го раскине договорот со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’“, велат од „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ. Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропска Влада го реализира. Договорот со „Бехтел и Енка“, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ги оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација ѝ го носи на државата. „Јавно прашуваме дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција ‘Вреди’, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена нѐ нарекоа македонски Албанци, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од „Европскиот фронт“. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“. За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран. „Ваков каков што е, потпишан од оваа Влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“, рече Мицкоски. Во март минатата година потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10 д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години. Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10 д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола. Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.

Треба да знаете
Последни објави