Search

ДИК: Изборите се спроведени професионално, транспаретно и врз основа на закон што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори

Од Државната изборна комисија се огласија по зачестените приозивки на нивна адреса од политичките партии и владини функционери во врска со изборите. Реагираа претседателот на ДИК, Александар Даштевски и членовите: Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири. -Со особена загриженост за настаните кои во јавноста се продуцирани од изјави на политички партии и носители на високи владини функции, кои се однесуваат на работата на ДИК во врска со постапувањето по приговорите за парламентарните избори, Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерени јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК.
Покрај тоа, а следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно истите да преминат и во лични напади на нашата сигурност. Ве известуваме дека ДИК во целост професионално, транспаретно и само врз основа на закон ги спроведе изборите што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори.
Исто така и покрај сите непријатности кои ги имаме, сепак со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал ДИК ги утврди фактите и одлучуваше по приговори поднесени од различни учесници за 110 избирачки места, од кои врз основа на образложени докази усвои приговори за само 7 избирачки места за кои имаше правен основ, додека сите останати 103 избирачки места, беа одбиени како неосновани и за нив немаше поднесено тужби ниту еден учесник на изборите. Според тоа за ДИК се неприфатливи и недопуштени нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд. За сето ова денес на средбата во ДИК беше известена и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР Џилијан Стрик.

Треба да знаете
Последни објави