Search

Соседот за атентаторот на словачкиот премиер: „Ми кажа зошто му е лут“

На периферијата на градот Левица во јужна и централна Словачка, неколку полицајци денеска стоеа на влезот од станот во кој 71-годишниот поранешен чувар и поет Јурај Цинтула, осомничен за пукањето во словачкиот премиер Роберт Фицо, живеел во последните 40 години.

Неговиот комшија Људовит вели дека последен пат го видел Цинтула во понеделникот и не видел никакви промени кај него. „Го познавам со децении. Ако нешто планирал, немало никакви знаци. Но, не можам да знам што има во неговата глава“, рече тој.

Људовит рече дека двајцата повремено разговарале за политика и дека Цинтула изразил гнев поради, како што сметал, зголемените напади врз слободата на говор под водство на Фицо.

„Но, никогаш не би помислил дека тој е способен за такви постапки. Никогаш не зборуваше за насилство“, рекол соседот, а потоа додал: „Немам објаснување зошто го направил тоа што го направил“.

Министерот за внатрешни работи Матус Сутај Естока го опиша пукањето како политички мотивиран обид за атентат. На атентаторот му се заканува од 25 години затвор до доживотна затворска казна. Министерот потврди и дека атентаторот дејствувал сам и претходно учествувал во антивладини протести.

Според словачките медиуми, тој е основач на книжевен клуб, поранешен чувар, кој претходно објави видео снимки во кои повикува да се прекине насилството, откако и самиот бил нападнат во трговскиот центар каде што работел.

Словачкиот портал Новине ја објави изјавата што Цинтула ја дал на полицијата веднаш по апсењето.

– Не се согласувам со политиката на Владата. На крајот на краиштата, медиумите се ликвидирани. Зошто е нападната РТВС (Радио телевизија на Словачка), зошто е разрешен судијата Мазак? – Наводно рекол Цинтула.

Мазак е поранешен претседател на Судскиот совет, кој неодамна беше разрешен.

Неколку сведоци изјавија дека атентаторот најпрвин му довикал на Фиц: „Робо, дај ми ја раката“, а кога Фиц му пришол и му ја подал раката, Цинтула го застрелал. Тој, наводно, пукал пет пати, од кои три куршуми го погодиле Фиц.

Порталот Актуалити стапил во контакт со синот на атентаторот. Тој потврди дека неговиот татко легално поседува пиштол. Но, тој негираше дека некогаш спомнал дека планирал напад врз Фицо.

-Немам поим што имал намера татко ми, што планирал, зошто тоа се случило – рекол тој.

На прашањето дали татко му го мрази премиерот, тој одговори: „Ова ќе ви го кажам – не гласаше за него“.

– Можеби имал краток спој, не знам. Има малку темперамент, но никогаш не бил на психијатар – вели синот на атентаторот.

Според словачките медиуми, Цинтула е основач на литературниот клуб Духа и член на Друштвото на словачките писатели. Скај њуз објави дека се работи за поранешен член на обезбедувањето на трговскиот центар. Додека работел во трговски центар во Левице, во 2016 година бил нападнат од еден од клиентите, пренесуваат словачките медиуми.

– Беше дрогиран. Почна да фрла кокошки од полиците на земја, а потоа да жонглира со нив – изјави тогаш Цинтула за медиумите. Младиот човек го нападнал Цинтула, го претепал со тупаници и конечно бил совладан од полицијата. Се претпоставува дека тогаш Цинтула го добил пиштолот со кој пукал во Фицо.

Треба да знаете
Последни објави