Search

Над 15.000 деца загинаа во израелските напади врз Газа

Палестинската Црвена полумесечина денеска соопшти дека над 15.000 деца се убиени од почетокот на израелската војна во Појасот Газа во октомври минатата година.

Во исто време, ОН објавија дека најмалку 600.000 Палестинци побегнале од Рафа во јужниот дел на Газа од почетокот на израелската копнена офанзива во овој град.

Израелската армија мобилизираше повеќе војници за да ги прошири борбите во областа, а претходно денеска во израелски напади загинаа четворица членови на палестинско семејство, пренесува Ал Џезира.

Армијата, исто така, фрли летоци во западните области на Рафа, барајќи од Палестинците да помогнат во потрагата по израелските затвореници.

Светската програма за храна на ОН денеска објави дека залихите исчезнале во јужниот дел на градот Рафа, а дека дистрибуцијата е прекината на 11 мај поради затворањето на граничниот премин Рафа со Египет и ограничениот влез на залихи преку Керем Шалом  од Израел во Газа.

„Речиси е невозможно“ да се дистрибуира помош во Газа, каде што се раселени повеќе од 1,7 милиони луѓе, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, додавајќи дека премините се или „затворени, небезбедни за пристап или не се логистички одржливи“.

Рафа во моментов е дом на повеќе од милион Палестинци кои избегаа од конфликтот во другите делови на енклавата, од кои 600.000 се деца.

Треба да знаете
Последни објави