Search

Поранешниот косовски координатор за дијалогот со Србија: Големи се шансите Косово да остане надвор од агендата на Советот на Европа

Поранешниот косовски координатор за дијалог со Србија, Авни Арифи вели дека барањата до Косово на земјите-партнери Германија, Франција и Италија не се исполнети, дека мора да се преземат конкретни чекори за формирање на Заедницата на општини со мнозинско срспко население за членство во Советот на Европа, поради што постои можност Косово да не влезе во агендата на Советот на министри на Советот на Европа.

Арифи за приштинската телевизија ТЕВЕ 1 (tëvë 1) рече дека постои можност прашањето за Косово да биде ставено на гласање и да не помине, а тоа, според него, би било голема победа за Србија.

„Многу се големи шансите да не се гласа и да биде одложено за следната година. Или, има и друга опција, која е потешка, да се оди на гласање и да не се изгласа, што би било многу голема победа за Србија, изјави Арифи.

Според него, неуспехот во зачленувањето во СЕ ќе создаде перцепција дека Косово ја напуштило европската агенда.

„Незачленувањето значи дека Косово ја напуштило европската агенда, го изгубило партнерството со ЕУ и во оваа ситуација Косово ќе се смета за исто виновно за постоечката ситуација и одговорно за неуспехот на дијалогот. Иако е тоа неправедно, бидејќи Србија е виновна“, рече Арифи.

Франција, Германија, Италија, но и САД побараа конкретни чекори за формирање на Заедницата на српски општини во Косово, поврзувајќи го тоа со апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа.

Кон средината на мај во СЕ ќе се одржи состанок на Советот на министри, но се уште не е официјализирано дали на дневен ред ќе биде и Косово.

Членството на Косово во СЕ беше изгласано со големо мнозинство гласови во Парламентарното собрание на 15 април.

Владата на Косово вели дека ги исполнила сите услови за членство во европската организација.

Треба да знаете
Последни објави