Search

30 години од смртта на Аиртон Сена

На денешен ден пред 30 години животот го загуби легендарниот Аиртон Сена на трката за Големата награда на Сан Марино во Формула 1. Сена, еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, ако не и најдобар, почина на 34. годишна возраст откако ја изгуби контролата над својот болид и со брзина од 305 км/ч удри во ѕидот на свиокот Тамбурело на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола.

Легендарниот Бразилец победи на 41 трка во кариерата, освои три шампионски титули и остана запаметен како крал на квалификациите и најдобар возач на дожд на сите времиња.

На погребот на Сена присуствуваа повеќе од милион луѓе, а многу повеќе излегоа на улиците да му оддадат почит на Бразилецот.

„Господ долго време ја држеше рака над Формула 1. Овој викенд ја тргна“, коментираше легендарниот Ники Лауда во моментот на смртта на Сена.

За време на квалификациите за истата трка, само еден ден претходно, почина младиот австриски возач Роланд Расцрбергер, што беше прва смрт во Ф1 по речиси 12 години.

Сена не ја прифати добро смртта на Австриецот, на која потсети лекарскиот делегат Сид Воткинс, кој му рекол на Бразилецот да не се натпреварува на Имола.

„Аиртон полуде. Пред тоа немаше видено смрт на патеките. Во претходните 12 години имаше многу инциденти, многу повреди, но никој не загина“, рекол Воткинс, откривајќи што му рекол Сена кога го молел да не се трка и да замината на риболов“.

„Има одредени работи кои не можеме да ги контролираме. Не смеам да се откажам, морам да продолжам“.

Сена ја започна трката во пол-позицијата, а трката започна со безбедносно возило откако Педро Лами удри во болидот на Џеј Џеј Лехто.

Веќе во вториот круг по рестартот на трката, Сена со својот Вилијамс во кривината Тамбурело удри во бетонскиот ѕид.

Бразилецот беше пренесен во болница, а трката продолжи 37 минути по судирот и победи Михаел Шумахер.

Два и пол часа подоцна беше објавено дека Сена починал.

Тоа беше само трета трка на Сена во Вилијамс откако го напушти Мекларен, и многу се пишуваше за тоа неделно попладне, но само едно е сигурно.

Смртта на Сена целосно ја промени Формула 1: беа воведени многу поригорозни безбедносни проверки и се промени историјата на овој спорт.

Треба да знаете
Последни објави