Search

Десетици торнада ја опустошија Оклахома, четворица загинати, прогласена е вонредна катастрофа

Најмалку четири лица, вклучително и едно дете, загинаа, а голем број беа повредени во Оклахома овој викенд, откако десетици торнада ги зафатија јужните држави додека синоптичарите предупредија повеќе од седум милиони Американци за можноста од торнада, пренесе АП.

Националната метеоролошка служба вчера издаде и предупредување за силни ветрови, силен дожд и град за повеќе од 47 милиони луѓе од источен Тексас до Илиноис и Висконсин.

Низ централниот дел на земјава денеска ќе продолжи нестабилното време, соопшти метеоролошката служба.

Гувернерот на Оклахома, Кевин Стит, вчера прогласи „вонредна катастрофа“ за неговата држава, ставајќи на располагање средства за спасувачките операции. Стит во видео порака на социјалните мрежи објави дека планира да ги посети местата опустошени од невремето.

NWS објави дека 38 можни торнада допреле во областа и дека најлошото невреме ја опустоши централната Оклахома во саботата и рано во неделата, раширувајќи се во северозападниот дел на Тексас, западниот дел на Мисури и Канзас.

Одделот за управување со вонредни ситуации во Оклахома извести за еден смртен случај и повеќе од 30 повредени, додека десетици домови се уништени.

Треба да знаете
Последни објави