Search

Г7 разговараат за 2035 година како конечен датум за укинување на електраните на јаглен

Министрите за енергетика од земјите од Групата седум во Италија разговараат за 2035 година како краен рок за затворање на сите електрани на јаглен, изјави за Ројтерс во понеделникот извор запознаен со ова прашање.

Договорот за јаглен ќе биде значаен чекор кон целта поставена на климатскиот самит на Обединетите нации COP28 во Дубаи минатата година за транзиција од фосилните горива, од кои јагленот е најзагадувачкиот. Франција, Германија, Канада и Јапонија, разговараа за ова прашање до доцна синоќа, а една земја се уште се противи на овој потег, изјави анонимниот извор.

Состанокот на министрите за енергетика чиј домаќин е Италија, која оваа година претседава со Г7, се одржува денеска и утре во палатата Венарија од 17 век, поранешна кралска резиденција во близина на Торино.

Синоќа се собраа демонстранти во Торино, палејќи ги ликовите на лидерите на Г7 за кои велат дека не прават доволно во борбата против климатските промени и извикуваа слогани како „тие седум, ние 99 проценти“.

Како што Г7 го зголемува производството на обновлива енергија, Рим има за цел да ги зајакне напорите за развој на капацитетот за складирање батерии и зголемување на инвестициите во електроенергетските мрежи, покрај тоа што се согласи да стави крај на употребата на јаглен во производството на енергија, изјавија два извори за Ројтерс.

На дневен ред на состанокот ќе бидат и нуклеарната енергија и биогоривата.

Десничарската италијанска влада смета дека нуклеарната енергија треба да биде клучен фактор за исполнување на целта на земјата за намалување на емисиите на јаглерод диоксид до 2050 година, иако граѓаните ја отфрлија нејзината употреба на референдумот во 2011 година.

Италијанското Министерство за енергетика одби да ги коментира прашањата за кои се разговараше на состанокот на Г7 во Торино.

Треба да знаете
Последни објави