Search

Николовски: Ќе продолжиме со вложување во домашното земјоделство за да им обезбедиме европска иднина на младите

Наша обврска и понатаму останува вложувањето во развој и унапредување на земјоделството за да обезбедиме подобри услови и да ги задржиме младите овде, наместо да заминуваат во европските земји. Во изминатите години ние покажавме и докажавме дека главни приоритети ни се младинските политики во делот на земјоделството, а така ќе продолжиме и во наредниот период, истакна на прес-конференција во Кочани кандидатот за пратеник и коносител на листата од СДСМ во Третата изборна единица, Љупчо Николовски.

-Обезбедивме грант поддршка за младите од 10 и од 20 илјади евра за почнување или за преземање бизнис во земјоделските стопанства. Денес имаме над 15.500 млади како регистрирани земјоделци во нашиот регистар, а над 2.600 од нив искористија околу 30 милиони евра неповратна поддршка за набавка на комбајни, трактори, сушари за ориз, опрема за тутун, силоси, мандри за добиток или преку мерката млад земјоделец. Со европските средства, пак, во што сме лидери во целиот регион, преку ИПАРД2 програмата се гордееме со фактот што над половина од сите договори коишто се склучени се со млади луѓе, односно откупно 2.300 договори над 1.212 се склучени и потпишани и реализирани токму од млади земјоделци и тука се инвестирани над 130 милиони евра за инвестиции и модернизација на земјоделските стопанства токму од младите луѓе, истакна Николовски.

Тој најави дека новата влада ќе продолжи со напорите за обезбедување повеќе средства од европските фондови, коишто во моментот преку ИПАРД програмата изнесуваат 100 милиони евра.

-Со влезот и членството во Европската Унија оваа програма за поддршка на руралниот развој ќе изнесува 1,1 милијарда евра и најголем дел од нив повторно ќе бидат искористени за младите луѓе. Во нашата нова програма за 50 отсто ја зголемуваме поддршката на младите земјоделци, односно грантот го зголемуваме на 15 илјади евра, а дополнителната поддршка од директните плаќања за младите земјоделци ја зголемуваме за 100 проценти. За 40 отсто ја зголемуваме поддршката на стипендиите, коишто за првпат ги воведовме за сите студенти од земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Таа ќе изнесува 25 илјади денари и ќе се исплаќа девет месеци во годината, додаде Николовски.

Во обраќањето Николовски побара поддршка на претстојните парламентарни избори за да продолжи реализацијата на мерките со коишто се обезбедува европската иднина на младите, особено во земјоделството.

Треба да знаете
Последни објави