Search

Почна евакуација на населението поради ерупција на вулканот во Индонезија

Жителите кои живеат на индонезискиот остров Сулавеси денеска се евакуирани поради опасност од ширење пепел, расфрлани карпи, жежок вулкански облак и потенцијално цунами.

Властите наредија повеќе од 11.000 луѓе да ги напуштат своите домови, но досега тоа го направиле само околу 1.000 луѓе.

Меѓународниот аеродром во градот Манадо, кој се наоѓа на помалку од 100 километри од вулканот Маунт Руанг, останува затворен поради вулканската пепел во воздухот.

Сателитските снимки од Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика покажуваат дека пепелта се проширила на запад, северозапад, североисток и југоисток, покривајќи ги Манадо и Северна Минахаса.

„Продолжуваме да го следиме развојот на ситуацијата по ерупцијата на планината Руанг и работиме во координација со релевантните актери, со цел да се предвидат активности за да се овозможи безбедност и удобност во воздушниот сообраќај“, рече шефот на регионалниот аеродром Амбар. Сурјоко.

Официјалните лица стравуваат дека дел од вулканот може да пропадне во морето и да предизвика цунами, што се случи за време на ерупцијата на тој вулкан во 1871 година.

Во средата, планината Руанг имаше најмалку пет силни ерупции, што го натера Центарот за вулканологија и проценка на геолошки ризик да издаде највисоко ниво на тревога.

На граѓаните им беше кажано да останат најмалку шест километри подалеку од вулканот висок 725 метри.

Индонезија, архипелаг од острови, која е дом на околу 270 милиони луѓе, има 120 активни вулкани.

Треба да знаете
Последни објави