Search

Навистина ли 30 години Македонија губи во односот со ЕУ како што тврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски?

Во телевизиско итервју потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски зборуваше за евроинтегративниот процес на државата при тоа често пати забележувајќи ѝ на власта на СДСМ за наводни попуштања кон соседите.

Тоа е стандарден наратив на ВМРО-ДПМНЕ но овој пат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ отиде чекор понатаму и рече дека Македонија повеќе од 30 години губи. 

„Триесет и нешто години се водеше политика дека можеме да се протнеме и триесет и нешто години Македонија губи“ ќе рече Николоски. 

Но дали е тоа навистина така, дали Македонија се обидува да се „протнува“ и дали навистина губи. 

Реалноста по однос на овие прашања е прилично јасна, секогаш кога државата ги завршувала своите обврски напредувала на патот кон ЕУ. 

Како ВМРО-ДПМНЕ се однесува(ше) кон ЕУ?

Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ во далечната 2005 година. 

Една година подоцна, на власт доаѓа ВМРО-ДПМНЕ и државата почнува да се оддалечува од европскиот пат. 

По ветото од Букурешт тогашната Влада предводена од Никола Груевски целосно ја смени реториката а потоа и дејствувањето од технократско во националистичко.

Реформите важни за државата, а и за ЕУ останаа заборавени додека се градеше „новиот“ национален идентитет. 

Во тие години, а особено во периодот од 2012 па се до падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт, европската агенда беше на последното место од интересите на тогашните Влади. 

Додека сите од регионот напредуваа, Хрватска стана и членка на ЕУ, Македонија уназадуваше во реформите. 

Секој Извештај за Напредокот од година в година стануваше се полош, а Македонија ја доби и придавката „заробена држава“.

„Слаб напредок“ „потребни се повеќе реформи“ „масовна партизација“ „контрола на инситуции“ „низок степен на човекови права и слободи“ беа дел од формулациите што ги „красеа“ извештаите за Македонија во тие години.

И покрај поддршката што државата ја имаше на располагање, дел заради незаинтересирноста, а дел и заради неспособноста на тогашните институции, средствата од ИПАРД програмите стоеја „нечепнати“, со презир се гледаше кон секој претставник на европските институции, а владејчката ВМРО-ДПМНЕ наместо да биде кооперативна често пати влегуваше во конфликт со претставници на ЕУ.

Македонскиот јазик наместо македонски јазик во комуникациите на ЕУ често можеше да се види запишан и како „јазикот на ФИРОМ“ „јазикот на мнозинството граѓани“ и слично. 

Што се случува во последните седум години?

За разлика од тој период, во периодот од 2017 година па до денес, неоспорни се успесите што Македонија ги има на европскиот и евроатлантскиот пат.

Од 2018 година па наваму, Европската комисија секоја година предлага отпочнување на пргеговорите со Македонија. 

Извештаите на ЕК секоја година констатираат напредок во речиси сите области.

По долги години чекање Македонија ги започна преговорите за членство во ЕУ. 

Првата фаза, скрининг процесот успешно заврши, македонското законодавство е во огромен процент усогласено со законодавството на ЕУ. 

Ако некогаш парите од ИПАРД останувале непотрошени, денеска Македонија е лидер во искористеност на парите од ИПАРД програмите со речиси стоотстотна реализација. 

Тоа е една од причините, ЕУ да го зголеми за 62% износот на ИПАРД 3 програмата.

Тоа го потврдува и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. 

-200 милиони евра имаме на располагање за инвестиции во модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата. Ние сме земја лидер во реализацијата на ИПАРД 2 програмата, со над 2.100 реализирани договори и искористени скоро 100% од средствата, односно 59,7 милиони евра, од вкупно 60 милиони евра европски средства за таа програма. Имаме нула евра повраток за ИПАРД 2 програмата, за разлика од ИПАРД 1 програмата каде се вратени повеќе од 45 милиони евра неискористени европски средства. Прва земја од регионот сме, што на 1 септември 2023 година, ја започна и реализациајата на новата ИПАРД 3 програма, распишувајќи го првиот повик за мерките 1 и 7.

И ако порано за македонскиот јазик можеше да се прочите дека е „јазикот на Фиром“ денес во ЕУ македонскиот јазик е македонски за сите земји членика на Унијата. 

Договорот за ФРОНТЕКС беше првиот Договор со ЕУ кои беше потпишан на македонски јазик и на сите други јазици на Унијата. 

При одржување на првата меѓувладина конференција беа ангажирани преведувачи на македонски јазик а на нивните кабини јасно стоеше знакот МК.

Очигледно е дека владите на СДСМ имаат сторено многу повеќе во однос на евроинтеграцијата отколку владите на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, пред државата и пред се новиот собраниски состав како клучна стои обврската за уставните измени и венсувањето на дел од бугарското малцинство во него. 

Но, судејќи по ставовите на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, пратениците од оваа партија нема да се премислат и да ги гласаат уставните измени. 

Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ би продолжила да работи како и до сега, односно да дејствува во насока на забрзување на евроинтегративниот процес. 

Каков им е планот и која е алтернативата, од ВМРО-ДПМНЕ се уште не кажуваат.

Треба да знаете
Последни објави