Search

Сепаратистите на Каталонија, Баскија, Галиција и Балеарските Острови заедно одат на ЕУ избори

Четири левичарски партии кои се залагаат за независност на Каталонија, Баскија, Галиција и Балеарските Острови од Шпанија ќе излезат заедно на изборите за Европскиот парламент како дел од коалицијата „Сега Република“, соопштија денеска нивните претставници.

Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), која е на власт во таа автономна покраина од 7,5 милиони жители, ги здружи силите со баскиската ЕХ Билду, галициската БНГ и Балеарската Ара Меса.

Тие заедно ќе учествуваат на изборите од 6 до 9 јуни за да бидат „гласот на нациите без држави“ во Европа.

Претседателот на РКЕ, Ориол Жункерас, кој беше осуден пред судот во Мадрид за организирање на забранет референдум во Каталонија во 2017 година, повика на признавање на националните, јазичните и социјалните особености.

Целта на овие партии е самоопределување и воведување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик како официјални јазици на Европската унија покрај сегашните 24 официјални јазици. Тие три јазици се официјални во Каталонија, Баскија и Галиција заедно со шпанскиот.

„Ние сме партии на различни нации, со различни проблеми и традиции, но споделуваме исти вредности и принципи“, рече Рубен Села, официјален претставник на Галицискиот националистички блок (БНГ).

Шпанија се состои од 17 автономни провинции.

Треба да знаете
Последни објави