Search

Украина го повика амбасадорот на Ватикан поради „белото знаме“

Украинското Министерство за надворешни работи го повика папскиот нунциј да изрази „разочарување“ поради изјавите на папата Франциск дека Украина треба „да ја покаже храброста на белото знаме“ и да започне преговори со Русија за ставање крај на двегодишната војна.

На папскиот амбасадор во Украина, литванскиот надбискуп Висвалдас Кулбокас, му било кажано дека Папата треба да се воздржи од изјави кои го легализираат правото на моќ и поттикнуваат натамошно непочитување на нормите на меѓународното право, се вели во соопштението на веб-страницата на Министерството.

Во соопштението се наведува дека се очекува Папата да испрати сигнали до светската заедница веднаш да ги здружи силите за да обезбеди победа на доброто над злото.

„Украина бара мир како ниту една друга земја. Овој мир, сепак, мора да биде праведен и заснован на принципите на Повелбата на ОН и мировната формула предложена од претседателот на Украина, Володимир Зеленски“, се додава во соопштението.

Зеленски во неделата ги отфрли коментарите на Папата, иако не го спомна конкретно. Тој рече дека религиозни личности не треба да се впуштаат во виртуелно посредување меѓу некој што сака да живее и некој што сака да уништува.

Мировниот план на Зеленски предвидува повлекување на руските трупи и враќање на границите на Украина од 1991 година. Москва вели дека не може да води никакви разговори под такви услови. 

Треба да знаете
Последни објави