Search

Дебитантот Мицкоски

Конечно, го имаме и првиот вмровски дебитант на овие избори. Сите останати се безброј пати повторена приказна. Да! Христијан Мицковски излезе од длабоката и удобна сенка на „шпицерајот“ и тргна да ја води кандидатската листа во Единица.

Ќе се сетите – тој, како шеф на партија, избега од изборно соочување во 2020 година и се прогласи за „шпицен“ кандидат за премиер и со тоа урнебесно ја забавуваше политичката и општата јавност. По шест години, крајно време беше да се одважи и да си ја проба политичката среќа со директно учество во изборите – како кандидат за пратеник на претстојните избори. Се разбира, знаеме, очајно ја посакува фотелјата на која, откако тој е шеф на вмро, седеа Зоран Заев и Димитар Ковачевски, а сега седи и Талат Џафери.

Да, се работи за ликот кој, откако Груевски му среди да биде единствен кандидат на гласачкото ливче на партиските избори во Валандово, декември 2017 година, не прифати ниту еден директен политички мегдан.

Големиот мајстор на измамата (политички Худини од гепек – Али-експрес верзија) му обезбеди на својот штитеник 100% гаранција дека ќе биде победник на тие избори – како единствен кандидат на партиските избори во 2017 година. Тоа се случува по локалните избори кога социјалдемократите однесоа огромна победа, за потоа самите да се поразат на локалните во 2021 година.

Во 2018 година, Х.М. немаше храброст да излезе со официјална кампања против Преспанскиот договор, туку се криеше зад „бојкотирачите“. Тие, пак, водеа подземна, црна и неофицијална пропаганда во служба на познати центри на моќта од Истокот и дејствуваа надвор од правните и политичките (изборни) домени.

Кога во февруари 2021 година, парламентот го ратификува членството на земјата во НАТО со 114 гласа ЗА, тој немаше храброст да ја напушти пленарната сала во парламентот, но и не аплаудираше. Наместо тоа, се занимаваше со панталоните, му беа малку паднати, па ги поткрена неколку пати додека траеше аплаузот. Ова со панталоните е добра илустрација за Мицковски. Блокира и шири дезинформации (според публикација на Европскиот Парламент) секаде и во секоја прилика, колку што може повеќе. Кога брзиот воз на стратешките интереси ќе го помине со полна брзина, тој останува, со кренат нос и спуштени панталони покрај шините (како што напишав и во една претходна прилика).

Мицковски (како што го нарекува неговиот креатор и ментор, Груевски) секогаш се крие зад поголеми структури. Така и се пресметува со своите неистомисленици, преку армии од ботови и тролови. Тоа го прави и преку судовите – со злоупотреба на судовите, во меѓународното законодавство познато и како Стратешки судски процеси против јавната партиципација (SLAPP – Strategic Lawsuit Against Public Participation), па според двете судски пресуди против мене, јас ги кршам човековите права на Мицкоски или Мицковски (или Миковски, како што го најавија на конгресот на ЕПП неодамна). Просто да го жали човек.

Сите овие години е опседнат да дојде до власт без избори. Се обиде да направи „преврат“ во Собранието и да формира мнозинство во март 2021 година, откако тогашниот премиер Зоран Заев со бескрајна леснотија повика да се гласа за доверба на неговата влада. Резултатот беше 62:0. Тие што тргнаа во поход да ја освојат власта преку прекројување на мнозинството, немаа храброст ни да гласаат против. (Нула црвени картони!?)

Што да кажам. Нека е и лош, но на секој дебитант треба да му се посака среќа, нели? Е, па, нека му е со среќа на дебитантот Ми(ц)ко(в)ски.

Џабир Дерала, извор Цивилмедиа.мк

Треба да знаете
Последни објави