Search

Ердоган: Турција е подготвена да организира мировна средба меѓу Русија и Украина

Турција и натаму е подготвена да организира и спроведе мировна средба на врвот меѓу Русија и Украина. Ова го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по разговорот со неговиот украински колега Володимир Зеленски во Истанбул, јавија турските медиуми.

– За жал, нашата дипломатска иницијатива преземена во 2022 година во Истанбул не даде резултати. Војната меѓу Украина и Русија треба да заврши со преговори. Подготвени сме да одржиме мировна средба на врвот на која ќе учествува и Русија – рече Ердоган, цитиран од државната ТВ ТРТ-Хабер.

Претседателите на Турција и Украина Реџеп Таип Ердоган и Володимир Зеленски денеска се сретнаа во Истанбул. Средбата започна околу 19:30 часот по турско време во палатата Долмабахче. Средбата на двајцата лидери траела околу час и половина, информира турската телевизија НТВ.

Ердоган денеска изјави и дека со украинскиот лидер Володимир Зеленски разговарал за договорот за жито и за безбедносната ситуација во Црното Море.

– Ние детално разговаравме за прашањата поврзани со војната. Во рамките на нашето стратешко партнерство, ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, нејзиниот територијален интегритет. Подготвени сме да и помогнеме за нејзино обновување. Разговаравме и за безбедносната ситуација во Црното Море и договорите за жито, кои во голема мера придонесуваат за безбедноста на храната и овозможија да се испорачаат милиони тони жито до земјите кои имаа потреба – рече Ердоган. 

Треба да знаете
Последни објави