Search

Во атмосфера на врева и навреди албанскиот Парламент го усвои Законот за стратешки инвестиции

Во веќе виденото сценарио, со викање, свирење, упатување навреди од страна на опозициските демократи, за само неколку минути заврши денешната пленарна седница во албанскиот Парламент.

И покрај вревата во салата, пратениците од владејачкото мнозинство изгласаа неколку закони, меѓу кои и Законот за стратешки инвестиции.

Потпретседателката на Собранието, Ермонела Фелај, која раководеше со седницата ги критикуваше пратениците од опозицијата за хаосот и опструкциите на работата во Собранието.

-И покрај оваа ситуација, принудени сме да продолжиме. Многу ми е жал што продолжуваме на ист начин, како и многу седници претходно, рече Фелај.

Пратеникот Газмент Барди ја обвини Фелај дека го фалсификува гласањето, бидејќи според него немало кворум, на што таа му одговори дека има кворум и оти „целта на опозициските пратеници е да ја попречат седницата“.

Пратеникот Ервин Салијањи пак ги исмеа пратениците од мнозинството нарекувајќи ги овци. -Главата долу, картонот горе, вие сте овци, рече тој.

Опозициските Демократски пратеници веќе неколку месеци го блокираат нормалниот тек на седниците, за што дел од нив Советот за етика и ги исклучува од работата на парламентот, во различен временски период.

Вчера, советот, поради недоличното однесување на понеделничката седница донесе одлука за исклучување на пратеникот Фламур Нока на 30 дена, кој и физички нападна припадник на обезбедувањто, потоа пратеникот Блејон Налбани на 20 дена и пратеникот Саимир Кореши на 5 дена.

Демократската партија има 55 пратеници, поголемиот број или 47 се во групата-приврзаници на Сали Бериша а само 8 со Љуљзим Баша, официјално лидер на демократите, кои не се согласуваат со ваквото однесување на нивните колеги.

Треба да знаете
Последни објави