Search

Рама: Или ќе успееме заедно или ќе пропаднеме заедно, соработката на земјите од Западен Балкан е услов за ЕУ

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана изјави дека сложените прашања меѓу земјите од Западен Балкан мора да се решаваат во билатерален дијалог и не смее да влијаат на мултилатералните односи.

„Нашата соработка е основен услов за нашиот пат кон ЕУ. Тие се поподготвени од кога и да е да ни помогнат во интеграцијата, ние мора да бидеме подготвени да си помогнеме“, рече тој на почетокот на средбата на лидерите на Западен Балкан и претставници на ЕУ за европската интеграција на регионот и спроведувањето на планот на ЕУ за раст на Западен Балкан.

Тој посочи дека Албанија влезе во нова фаза, ги продлабочи реформите, ја интензивира борбата против корупцијата и тројно ги зголеми напорите за постигнување на оваа цел.

„Остануваме цврсти во соработката со регионалните партнери, промовираме мир и соработка со сите шест земји од Западен Балкан“, рече Рама.

Берлинскиот процес покажа колку е полесно да се каже отколку да се направи, додаде тој.

„Албанија, Србија и Северна Македонија го почнаа ‘Отворен Балкан’, а со планот за раст е јасно дека или ќе се приближиме до ЕУ заедно или ќе ризикуваме да го изгубиме местото на масата на ЕУ. Или ќе успееме заедно или ќе пропаднеме заедно. Или ќе работиме за мир за наш просперитет или ќе го изгубиме мирот. Така функционира ЕУ, така треба да функционира и Западен Балкан“, рече Рама.

Самитот е посветен на планот за раст на Западен Балкан, кој предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ. Целта е да се стимулира економскиот раст на регионот и да се забрза социо-економската хармонизација.

Планот што Европската комисија го усвои во ноември се однесува на периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од западнобалканската шесторка да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги спроведувала во тој период.

Треба да знаете
Последни објави