Search

Полските земјоделци го блокираа автопатот кон Германија поради законите на ЕУ

Полските земјоделци денеска блокираа еден од главните автопати кон Германија, во најновиот таков потег против регулативите и даноците на Европската унија (ЕУ).

Земјоделците ширум Европа протестираат со недели поради, како што тврдат, премногу рестриктивните закони за животната средина, евтината конкуренција од увозот надвор од ЕУ и ниските приходи.

Во 13 часот по локално време полските земјоделци го блокираа автопатот А2 во близина на градот Слубице, на источната граница со Германија.

Првичниот план на земјоделците беше блокада од 25 дена, но ја намалија по разговори со локални претставници, бизнисмени и транспортери.

Тие одлучија дека „најверојатно утре ќе го деблокираат патот“, поточно во понеделник, изјави Дариуш Вробел, еден од земјоделците и организатори на блокадата.

Во понеделник треба да се состанат министрите за земјоделство на ЕУ во Брисел.

Ќе разговараат за новите предлози на Европската комисија чија цел е промена на регулативата за која протестираат земјоделците, како на пример, намалување на проверките на производите.

Полските земјоделци наведуваат дека целат на т.н „Зелениот договор“ на ЕУ за енергија, транспорт и оданочување, кој е дел од напорите на овој блок земји за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Посочуваат дека особено се погодени од зголемените даноци и други правила.

Земјоделците, исто така, ги блокираа граничните премини со Украина, која не е членка на ЕУ, за да ја осудат, како што велат, нелојалната конкуренција од поевтините производи на нивниот сосед разурнат од војна.

Треба да знаете
Последни објави