Таравари сè уште има дилема дали би коалицирал со Мицкоски

Во интервју за ТВ 21 Арбен Таравари вели дека тој лично сè уште имал дилеми за наредна влада која евентуално би била предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Нашите приоритети од 1 до 10 се јасни, тоа е европскиот пат, почнување преговори преку уставни измени, сè друго е после тоа“, вели Таравари.

Таравари, кој е кандидат за претседател на државата поддржан од опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“, во синоќешното интервју порача дека доколку не се случат уставни измени, тие нема да бидат дел од идната влада што би се формирала по изборите.

„Сега зборувам за Алијанса за Албанците, без разлика колку пратеници ќе имаме, ние нема да бидеме дел од влада која нема да ги направи уставните промени. Ќе бидеме дел од влада која во одреден временски период ќе се обврзе да ги спроведе уставните промени“,порача Таравари.

Тоа, се коси со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои не отстапуваат од стојалиштето дека нема да поддржат уставни измени, а Таравари смета таквите ставови на Мицкоски биле конфузни и нејасни.

Инаку, крилото на Таравари во Алијанса за Албанците од викендов ја формализира одлуката на претстојните избори да настапи заедно со „Европскиот сојуз за промени“.

Треба да знаете
Последни објави