Search

Хамас: Најавената офанзива на Израел на Рафа ќе ги запре преговорите за заложниците

Претставник на Хамас денеска изјави дека најавената израелска офанзива во Рафа ќе го оневозможи преговарањето за ослободување на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група.

Претставникот изјави за каналот Ал Акса на Хамас дека доколку Израел започне офанзива на Рафа на границата со Египет, каде што се засолниле околу милион раселени Палестинци, тие ќе ги прекинат сите преговори за договор за ослободување на заложниците, објави Тајм оф Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави за АБЦ њуз во извадок од интервјуто што ќе биде емитувано подоцна денеска дека Израел „ќе ги порази преостанатите терористички баталјони на Хамас во Рафа“.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека премиерот и наредил на израелската војска да подготви план за евакуација на Рафа и уништување на четирите баталјони на Хамас, за кои рече дека се распоредени таму.

По неуспешните преговори за прекин на огнот во Појасот Газа, Нетанјаху оваа недела рече дека израелските сили ќе се борат до „тотална победа“.

Израелската армија претходно им нареди на цивилите да се евакуираат на југот на Појасот Газа пред нападот, но сега Палестинците немаат каде да одат, а хуманитарните агенции предупредуваат дека голем број цивили може да бидат убиени во нападите на Рафа.

Треба да знаете
Последни објави