Search

Рама: Посетата на Блинкен го потврдува стратешкото партнерство на Албанија со САД

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Тирана го потврдува стратешкото партнерство на Албанија со САД.

Предвидено е Блинкен следната недела да ја посети Тирана.

– Посебна вредност за Албанија има доаѓањето на американски државен секретар, во овие турбулентни времиња за светот, како и изборот да го посети нашиот регион, застанувајќи токму во нашиот главен град, напиша Рама на Фејсбук.

Во подолгата објава меѓу другото ја нагласува „целосната посветеност на Албанија на стратешкото партнерство со САД“.

– Секретарот Блинкен во Тирана ќе најде сојузничка земја посветена на мирот, демократската стабилност и сеопфатната соработка во овој регион. Албанија им подаде рака на пријателство на сите соседи во регионот и без никаква резерва ги поддржува напорите на Европската унија и САД за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, како стратешки клуч за безбедноста, развојот и благосостојбата на заедницата на нашите народи во срцето на Европа, каде минатото полно со трагедии, конфликти и заостанатост, мора еднаш засекогаш да ѝ отстапи место на иднината полна со можности, партнерства и напредок, наведе Рама.

Тој додаде дека Блинкен во Албанија ќе најде посветена земја на НАТО, подготвена членка на Евро-атлантската алијанса да продолжи со сеопфатни инвестиции за зголемување на одбранбените капацитети, во тесна соработка со САД.

Блинкен во Тирана ќе допатува на 15 месецов и според досегашните најави предвидени се средби со Рама и со првиот човек на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани.

Треба да знаете
Последни објави