Search

Британците веројатно ќе мора да работат до 71 година

Возраста за пензионирање во Велика Британија ќе мора да се зголеми на 71 година до 2050 година за да се одржи рамнотежа во пензискиот систем на земјата, објави британскиот огранок на Меѓународниот центар за долговечност (ILCUK).

Повеќето земји кои добро се справуваат со Индексот за здраво стареење на истражувачкиот центар, како Велика Британија, „имаат брзо стареење на населението“, што значи дека процентот на работоспособни луѓе во општеството се намалува.

Во Британија старосната граница за пензионирање ќе се зголеми на 70 или 71 година, во споредба со сегашните 66, за да се задржи сегашниот сооднос на бројот на вработени и пензионери, заклучува ILCUK во своето истражување.

Велика Британија плаќа државна пензија која моментално во просек изнесува 238 евра неделно, а повеќето британски пензионери добиваат и приватна пензија.

Британците сега се пензионираат на 66 години, но веќе е поставено зголемување на 67 меѓу 2026 и 2028 година и на 68 од 2044 година.

Од минатата година во Франција ќе се заминува во пензија на 64 години, додека пред спроведувањето на пензиската реформа границата беше 62 години.

Иако продолжувањето на работниот век е едно решение, истражувањата покажуваат дека на 70-годишна возраст само 50 отсто од луѓето се способни за работа, се вели во извештајот на ILCUK.

Затоа организацијата ја повикува владата на Велика Британија да се фокусира на спречување на здравствените проблеми, не само кај постарите, туку и кај оние на работоспособна возраст.

Треба да знаете
Последни објави