Search

Сенегал: Уапсенa поранешната премиерка

Жандармеријата во Дакар, Сенегал, денеска ја уапси поранешната премиерка и опозиционерка Амината Туре бидејќи учествувала во демонстрациите на опозицијата против одложувањето на претседателските избори кои претходно беа закажани за 25 февруари, соопшти тамошната опозиција, јавуваат медиумите.

-Потврдувам дека Амината Туре е уапсена од жандарми – изјави опозицискиот пратеник Гај Мариус Сања.

Амината Туре, која претседателот на Сенегал, Маки Сал ја постави за премиер, премина во опозиција, а нејзината кандидатура за претседателските избори беше одбиена.

Таа денеска учествуваше на протест при кој избија немири.

Жандармите со солзавец растераа неколку стотици луѓе на протестот против одложувањето на претседателските избори. На покана на неколку претседателски кандидати, мажи и жени од сите возрасти, веејќи сенегалски знамиња или облечени во национални фудбалски дресови се собраа на еден од главните патишта во Дакар.

Жандармите кои беа во голем број употребија солзавец кон демонстрантите, кои фрлаа со камења по нив.

Ова се први протести по изјавата на претседателот на Сенегал дека претседателските избори закажани за 25 февруари се одложуваат на неодредено време.

Сал во саботата рече дека ги одложил претседателските избори закажани за 25 февруари на неодредено време, по формирањето на парламентарна комисија за истрага на двајца судии на Уставниот совет, чиј интегритет во изборниот процес бил оспорен.

Ваквата одлука претседателот на Сенегал ја донел неколку часа пред почетокот на изборната кампања за претседателските избори, каде што требаше да се натпреварува со дури 20 кандидати, но без двајца познати опозициски лидери.

Треба да знаете
Последни објави