Search

Отворена е стечајната постапка за Еуроникел

Основниот суд Кавадарци денеска повторно отвори стечајна постапка за фабирката „Еуроникел индустри“. Барање за стечај поднесоа компанија од Прилеп за долг од 10.000 евра, јавно претпријатие од Кавадарци и вработените преку Синдикатот за четири неисплатени плати. За стечаен управник е назначен Ацо Петров, кому ова нема да му биде прва стечајна постапка за фабриката. Тој беше стечаен управник на „Фени“, во времето кога фабриката беше државна сопственост. Стечајна судијка е Елизабета Петковска. Привремената стечајна управничка, Љубица Зајкоска, на денешното рочиште презентираше извештај за финансиската состојба на фабриката според кој фабриката од 2019 до 2022 година била во добивка, но последната година добивката била 26 пати помала отколку добивката во 2019 година. За 2022 година фабриката има вкупни побарувања од 5,7 милијарди денари, а обврски во висина од 4,8 милијарди денари. Вкупно 670 вработени во „Еуроникел“ имаат побарување од 130 милиони денари или 2,1 милион евра за четири неисплатени плати. Според извештајот, „Еуроникел“ нема недвижен имот оти сега е сопственост на банката, но има возила, готови производи од никел, канцелариска опрема со залихи и авто-делови. Стечајниот управник Петров не беше достапен за изјава по рочиштето за да објасни каков план има за исплата на платите. Во меѓувреме, Комерцијална банка ги продолжува преговорите со потенцијалните инвеститори. Вработените тука го гледаат спасот, па затоа сто од нив секојдневно доаѓаат на работа и ке ја одржуваат печката во работа. Ново стечајно рочиште е закажано за два месеци. Еуроникел не прозиведува веќе пет месеци, откако сопствениците од швајцарско-бахамската Џи Сол ја напуштија фабриката.

Треба да знаете
Последни објави